Ново „Гласно сокаче – Будно чикмаче“

Oд 12 до 14 ноември 2021 година, ФОРУМ 16 по четврти пат ја спроведе Кампањата против гласини „Гласно сокаче – Будно чикмаче“.

Целта на Кампањата е да ги разбие негативните гласини и наративи за младите во Битола дека тие „само пијат кафе на Широк Сокак“ и „ништо не работат“.

Овој пат да покажеме дека тоа не е така го уредивме просторот околу зградата помеѓу улиците „4-ти Ноември“ и „Димитар Илиевски – Мурато“. На зградата нацртавме и графит во соработка со Драган од Hybrid Minds. Неизмерно благодарни сме до компанијата што ја одржува зградата „РС Боби 99“ и до куќниот совет за дозволата да може да работиме на дел од просторот во нивна надлежност, а благодарни сме и за поддршката за време на работната акција од бројни граѓани и минувачи.

Кампањата „Гласно сокаче – Будно чикмаче“ промовира грижа кон заедницата преку обновување и уредување на игнорирани или запоставени локации во Битола. Истовремено, кампањата промовира меѓугенерациски дијалог и соработка преку заедничка работа на млади и возрасни, а исто така една од целите на Кампањата е да промовира и волонтерски ангажман.

Токму подари тоа ФОРУМ 16 во 2019 година доби и признание „Организатор на волонтерска работа“ од Локалниот совет за волонтерство. Годинава во активностите беа вклучени вкупно 10-тина лица. Но, ФОРУМ 16 веќе разгледува модели како оваа Кампања од следните години да вклучи повеќе волонтери и да опфати повеќе локации, секако во соработка со јавните претпријатија.

Годинава Кампањата против гласини се спроведе исклучиво со сопствен придонес на ФОРУМ 16 и Hybrid Minds. Кампањата против гласини „Гласно сокаче – Будно чикмаче“ е дел од (СТ)АРТ програмата на ФОРУМ 16 која предвидува активности за промоција на човекови права на креативен начин.