Crowd-funding кампања „КиноБит: Алатка за јакнење на млади активисти“

Од 15 мај до 30 јуни, ФОРУМ 16 ќе ја спроведе crowdfunding кампањата “КиноБит: Алатка за јакнење на млади активисти” за да обезбеди средства кои се потребни за опрема за продукција на кратки филмови за време на првиот Кино Кабаре настан во Битола и Македонија.

Кампањата е поставена на платформа Generosity.com.

Подготовката на crowdfunding кампања е менторски поддржана од страна на Здружението Лидери за едукација, активизам и развој – Скопје.

Овој проект има две важни цели:
• Зајакнување на млади активисти преку уметност
• Воспоставување на првата Кино ќелија во Македонија

Постои силна локална поддршка за оваа идеја, но вашата помош е потребна за да ни помогнете да обезбедиме опрема за модерно снимање, монтажа и прикажување на филмовите од страна на учесниците во нашиот прв Кино Кабаре настан и за да го продолжиме Кино движењето во Македонија фокусирано на човековите права. Со целосно финансирање на овој проект ќе бидеме во можност да им овозможиме на два тима на младите филмски автори (еден основен, другиот напреден) камери и лаптопи со софтвер за монтирање, како и преносна опрема (аудио и видео) за проектирање.

Кино движење во Битола
Концептот на Кино Кабаре значи создавање на кратки филмови во краток период на време и е започнат во Монтреал, Канада во 1999 година, како стратегија за промовирање на заедничките напори на уметничкото изразување. ФОРУМ 16 се обидува да го почне Кино движењето во Македонија, во комбинација со едукација за човекови права на млади. Ќе го промовираме Кино Кабаре Битола како годишен настан, а ќе организираме и Кино Караван за презентација на работата на младите креативци и во други градови во Македонија, како и воспоставување на постојана Кино ќелија која ќе обезбеди онлајн и физичка локација за продолжување на соработката меѓу творците и младите активисти.

Зошто Битола
Во мрежата на УНЕСКО за креативни градови, историјата на Битола со филмот датира до 1905, кога браќата Манаки ја донесоа од Лондон во Битола филмската камера „Биоскоп 300“. Браќата Манаки ги направиле првите филмови снимени на Балканот за време на Отоманската империја. Денес, наследството на браќата Манаки се рефлектира во годишниот Меѓународен фестивал на филмска камера во Битола “Браќа Манаки”. Документарниот филм е особено важен дел од филмската култура на Битола, вклучувајќи го и годишниот Меѓународен фестивал на непрофесионален документарен филм – Камера 300, кој неодамна ја призна работата на претседателката на ФОРУМ 16 Наташа Чавдаровска со награда за репортажа.