ФОРУМ 16 наскоро започнува crowdfunding кампања

ФОРУМ 16 на 11 март 2017 година беше дел од Првата crowdfunding конференција во Македонија во организација на Здружението Лидери за едукација, активизам и развој Скопје.

Целта на оваа конференција беше да ги запознае граѓаните од Македонија со концептот на crowdfunding, како алтернативен начин на финансирање на проекти и идеи, како и да понуди вештини за спроведување на crowdfunding кампањи.

Искра Талевска и Наташа Чавдаровска од ФОРУМ 16, во првиот дел на конференцијата имаа можност да слушнат успешни приказни за концептот на crowdfunding. Како прв говорник, честа да ја отвори конференцијата ја имаше Ивана Крстевска, еден од основачите на Final Frontier Games, компанија за креирање на друштвени игри, која во 2016 ја спроведе најуспешната crowdfunding кампања од Македонија. Потоа се обрати Лука Пишкорич, основач на Полигон- креативен центар од Словенија, кој е исто така дел од тимот на иницијативата „Slovenia Crowdfunding“. Марко Греговиќ, основач на Бродото- агенција за социјален импакт, специјализирана за кампањи, дизајн и медија, воедно и организатори на годишната Zagreb Crowdfunding Convention, во својот говор потенцираше дека crowdfunding пазарот е отворен за секаков вид на идеи, од патувања, до идеи за започнување бизнис. Последниот говорник на конференцијата, Сем Вакнин, ја потенцираше важноста од тимска работа и соработка со што е можно поголема група на луѓе при спроведување на crowdfunding кампања.

За време на вториот дел, Искра и Наташа, го презентираа проектот „Кино Кабаре – алатка за јакнење на млади активисти“, а за кој проект наскоро треба да почне crowdfunding кампања.

Конференцијата беше организирана во рамки на проектот „Одржливост преку алтернативни начини на финансирање“, имплементиран од Здружение Лидери за едукација, активизам и развој, во партнерство со Final Frontier Games, поддржан од Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис во рамки на проектот „Отчетност преку граѓански ангажман“ со поддршка на Британска амбасада Скопје.