Гласно сокаче – Будно чикмаче

Во 2017 година ФОРУМ 16 под менторство на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) – Мисијата во Скопје, а како дел од тековните напори за разбивање и намалување на негативните стереотипи, предрасуди и говор на омраза, спроведе пилот-активности за идентификување гласини кои промовираат негативни стереотипи. Овие гласини и стереотипи се однесуваа на жените, младите, постарите, Ромите и други групи. Бидејќи ФОРУМ 16 е младинска организација, решивме да се фокусираме на разбивање на гласините кои се однесуваат на младите луѓе, често окарактеризирани како „мрзливи“ и „незаинтересирани“ за нивната заедница.

Иницијативата на  ФОРУМ 16 за справување со гласините „Гласно сокаче – Будно чикмаче“ има за цел да го охрабри меѓугенерацискиот дијалог и меѓусебното почитување преку волонтерски активности за создавање или обновување на интересни, но игнорирани јавни места каде што соседите и минувачите се дружат заедно. Идејата е дека работата на младите и постарите луѓе да ги подобрат запоставените локации во нашата заедница (тесни улички, клупи, фонтани итн.) може да помогне да се промовира атмосфера на вклучување, толеранција и разбирање. Токму методите за работа и резултатите на кампањата против гласини „Гласно сокаче – Будно чикмаче“ се базираат на овие вредности.

Првата акција во рамките на оваа кампања се одржа во септември и октомври 2018 година. Тимот беше регрутиран врз основа на јавен повик и беше обезбеден урамнотежен тим на помлади и постари учесници кои беа подготвени да работат заедно за да ја подобрат својата заедница. На овој тим им беше обезбедена обука за улогата што ќе ја имаат како агенти против гласини во тековните напори за промовирање на повеќе инклузивно и толерантно општествено опкружување. ФОРУМ 16 обезбеди менторство за тимот при изборот на локацијата и спроведувањето на нивниот проект за подобрување на заедницата.

По почетната обука, тимот работи со ФОРУМ 16 и институционални партнери за планирање на волонтерска активност за враќање на изгледот и духот на запуштените места во градот Битола. Ќе бидат избрани локалитети и ќе се развијат конкретни проектни планови, во соработка со релевантни иснтитуции и локалните жители.

„Гласно сокаче – Будно чикмаче“ е дел од програмата (СТ)АРТ на ФОРУМ 16, која промовира човекови права преку креативност и уметност. Оваа програма произлезе од минатите активности на Здружението за борба против говор на омраза, а се разви со останати активности, вклучувајќи ги и националните обиди на ОБСЕ – Мисијата во Скопје за промовирање на локални кампањи против гласини. ФОРУМ 16 очекува континуирано да ја продолжи кампањата во соработка со релевантни иснтитуции и организации.