Здружението за граѓански активизам ФОРУМ 16 – Битола од овој октомври е придружна членка на Коалицијата на младински организации СЕГА. Ова го одлучи Управниот одбор на оваа организација на состанокот одржан на 3 октомври.
Една од целите на ФОРУМ 16 е да поттикне и поддржи младинскиот активизам во областа на културата, економски развој, локалните прашања, спортот и образованието. Се надеваме дека нашето членство во Коалиција СЕГА ќе ни овозможи да се зголеми нашата мрежа на контакти и партнерства со други организации кои работат за и со млади. Исто така, очекуваме дека членството во Коалиција СЕГА ќе биде и зголемување на нашето учество во локални, национални и меѓународни активности и настани во служба на младите. Веруваме дека членството, исто така, ќе помогне да се промовираат нашите сопствени активности пред поширок спектар на партнери и учесници, како и пред потенцијални донатори.
Коалицијата на младински организации СЕГА неформално е формирана на 20 јануари 2004 година со цел да придонесе кон процесот на креирање и имплементација на Националната стратегија за млади на Република Македонија и да помогне во исполнување на потребите на младите. На 27 септември 2004 година е донесена одлука за формално регистрирање на Коалицијата како здружение на граѓани.