Од 23 септември 2020 на приватен профил, а од 8 октомври 2020 па во текот на изминативе денови со објави на одредена Фејсбук страна, од страна на поединци и групи граѓани се извртуваат фактите за работата на ФОРУМ 16 во недоличен контекст кој е удар за организацијата, односно за нејзините членови, волонтери, партнерски организации, соработнци и поддржувачи. Она што особено загрижува, го осудуваме и соодветно го пријавивме во полиција, се заканите со цел заплашување и замолчување на претседателката Наташа Чавдаровска, членовите на Управниот одбор (кои според Статутот на Здружението функцијата ја вршат волонтерски и без надоместок), како и неоснованите омаловажувања и дискредитација со цел прекин на активностите на ФОРУМ 16.
ФОРУМ 16 во граѓанскиот сектор во земјава и меѓу корисниците е препозната како етичка и транспарентна организација, особено поради професионалниот пристап на менаџментот, па затоа е нејасно зошто сега и кому смета нашата работа, врз основа на кои аргументи и факти, макар и вистини се базирани овие удари кон нашата работа? Како организација и понатаму настојуваме фокусот и вниманието да биде упатен токму кон организациите кои ја злоупотребуваат својата мисија и функционирање.
Обесхрабрувачки е фактот дека во Македонија се уште е голем процентот на граѓани кои површно ги примаат информациите сервирани на социјалните мрежи и без критичко размслување, а така изманипулирани, шират понатаму шпекулации, без да се имаат предвид правата и достоинстовото на оние кому ги упатуваат. Се ова води само кон понатамошна ерозија на Македонското демократско општество. Упатуваме апел да се внимава на лажните информации кои циркулираат. Ве замолуваме да споредувате повеќе извори, да ги најдете фактите и потоа да донесете заклучок. Во меѓувреме:
-Сите информации за тоа што работеме и како работиме, транспарентно се наведени на нашата интернет страна.
-Доколку сепак имате прашања за работата на нашата организација, ве замолуваме да прашате применувајќи соодветни комуникациски канали (електронски адреси, телефон, директна порака на социјални мрежи) и ќе добиете релевантен и навремен одговор.
-Под пристисок и во крајно тежок и загрижувачки контекст за функционирање остануваме посветени на нашите активности.
Со почит,
Тим на ФОРУМ 16