Ново „Гласно сокаче – Будно чикмаче“

Кампањата „Гласно сокаче – Будно чикмаче“ и годинава тргна во битка со гласините.

Во текот на септември и почетокот на октомври се организираа серија на работилници со активистите за промена, односно тимот на кампањата кој се формира преку јавен повик од страна на ФОРУМ 16.

Во текот на октомври, односно на 25 и 26 октомври, се спроведе работна акција во која се вклучија млади и постари луѓе со цел заеднички да подобрат запоставена локација во нашата заедница и да се промовира атмосфера на вклучување, толеранција и разбирање. Работната акција се одвиваше на јавен простор меѓу улиците „Кичево“ и „Црвена вода“ (кај Скопска пивара), а поддршка за реализација на истата имавме од: ЈП Комуналец, ЈП Нискоградба, Скопска пивара, Стентон градба, ИМКА, Hybrid Minds, „Дата песнопој“ и ОУ „Коле Канински“.

На 27 октомври се одржа интерактивна работилница со учениците од ОУ „Коле Канински“ за избор на позитивни слогани поврзани со Битола, животната средина, младите и други заеднички вредности.

Кампањата “Гласно сокаче – Будно чикмаче” прв пат се спроведе во 2018 година, и е оригинален пристап на ФОРУМ 16 со неформални и интернативни методи за работа да се едуцира целната група за улогата што ќе ја имаат како активисти против гласини. Нивната улога е да ги разнишаат гласините кои водат кон креирање на длабоко вкоренети стереотипи во општеството, како и дискриминација.

Тимот на иницијативата „Гласно сокаче – Будно чикмаче“ годинава имаше тешка задача, да се справи со гласините дека „во Битола останаа само глупавите, а сите паметни заминаа“.