Локална дискусиja „Информирани и вклучени млади“

На 31 октомври 2017 година во Хотел „Треф“ Битола, во 12 часот, Здружението за граѓански активизам  ФОРУМ 16 – Битола ќе организира локална дискусија „Информирани и вклучени млади“.

Оваа локална дискусија е дел од активностите на проектот „Младинското информирање како основа за младинско учество“, кој го спроведува Коалиција на младински организации СЕГА со поддршка од Национална агенција за Европски образовни програми и мобилност во рамките на програмата Еразмус +, клучна акција 3 (Структурен дијалог).

Целта на овој проект е да се подобри младинското информирање и на тој начин да се зголеми младинското учество на локално и национално ниво.

Во првата фаза на проектот беше организирана Национална работилница „Информирани и вклучени млади“ со носители на одлуки на национално ниво. Следуваат локални дискусии во 10 општини на кои ќе се прибираат мислењата на младите луѓе и претставниците на локалните институции во однос на чекорите кон подобрување на младинското информирање.

Локалната дискусија ќе вклучи учесници од следниот профил: млади (средношколци, студенти, невработени млади, волонтери и млади кои се вклучени во НВОи и граѓански организации), како и донесувачи на одлуки на локално ниво. Целта на дискусијата е да сe приберат мислењата и ставовите на младите и претставниците на локалните самоуправи во однос на младинското информирање како основа за поголемо младинско учество и потребата од отварање и функционирање на Младински Информативни Центри во секоја општина во Р.Македонија, со што ќе се обезбеди инпут за Националната конференција што ќе се одржи во периодот од 6 – 9 декември 2017 година.