ФОРУМ 16 членка на Мрежата за медиумска писменост

Од јуни 2018 година ФОРУМ 16 – Битола е членка на Мрежата за медиумска писменост на Република Македонија.

Мрежата е основана од страна на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) во април 2017 година со цел да ги олесни комуникацијата и консултацијата меѓу различните субјекти во земјава кои работат на подигнувањето на нивото на медиумската писменост на сите граѓани. Таа треба да придонесе за почеста соработка меѓу релевантните чинители и за подобри и поодржливи резултати од проектите.

Иако станува збор за релативно „нова“ општествена категорија, теоријата и практиката изобилуваат со бројни дефиниции за медиумската писменост. Сепак, една од можеби најпознатите и денес најцитирана дефиниција за медиумската писменост е онаа која што произлезе од Конференцијата за медиумска писменост организирана од Институтот Аспен во Вашингтон во 1992 година, каде што, според теоретичарите, е „роден“ концептот на медиумската писменост како нова гранка на општествените науки. Според дефиницијата, медиумската писменост е способност за пристап, анализа, евалуација и комуницирање на информации во сите нивни форми (Aufderheide, 1993:6). Притоа, медиумски писмен човек е секој кој што може да декодира, да анализира, да оцени и да продуцира како печатени, така и електронски медиуми.

Денес сѐ побројни се аргументите за значењето на медиумската писменост. Најнапред, точно е дека медиумската писменост директно е поврзана со огромната бројка разновидни медиуми и медиумски содржини, но клучна е улогата на информациите во развојот на демократијата, културната партиципација и активното граѓанство во општеството.