(СТ)АРТ

22/07/2016

Здружението за граѓански активизам ФОРУМ 16 – Битола смета дека креативниот израз е суштински дел од здравиот начин на живот. Програмата (СТ)АРТ ги опфаќа сите активности на ФОРУМ 16 поврзани со уметноста, кои сакаат да промовираат активно граѓанство и активизам во насока на подобрување на животот во заедницата. Тие активности се движат од употребата на уметноста за да се научат децата на позитивни пораки за човековите права до пошироки активности во кои учествуваат ученици, студенти и возрасни. Активностите на ФОРУМ 16 во оваа област се обидуваат да го доближат уметничкиот израз во обичните, секојдневни опкружувања на заедницата како што е системот за јавен превоз или замена на неовластени графити со уметнички дела кои пренесуваат позитивна порака. Проекти поддржани или развиени од ФОРУМ 16 во оваа програма се:

  • Улични уметнички дела и графити (законски дозволени) – Улични уметнички проекти се реализирани во битолскиот Градски парк (веднаш до градското ракометно игралиште), во основното училиште „Коле Канински“ и на зградата Пелагонка 1 на улица Прилепска. Идните проектни идеи вклучуваат улична уметност за промовирање на теми за човекови права и создавање на социјално претпријатие кое ќе ангажира млади луѓе кои би ги отстранувале или покривале неовластените графити на приватни згради и јавни простори.
  • Поезија во движење: Приближување на уметноста на зборот преку јавен превоз – ФОРУМ 16 настојува да воспостави во Битола практика на прикажување на поезија во јавниот превоз. Ова ќе вклучува годишен отворен повик за кратки поетски творби на одредена тема, со објавување на избраните творби во автобусите и на автобуските стојалишта.
  • КиноБит – ФОРУМ 16 работи на развивање на првата кино келија во Македонија, посветена на промоција на кратки филмови креирани за време на годишен Кино Кабаре настан, во кој учесниците се собираат заедно да продуцираат оригинални „кратки филмови изработени за кратко време“. ФОРУМ 16 собра средства преку crowdfunding кампања за да почне со овие активности во 2018 година. Со дополнителна поддршка, ФОРУМ 16 се надева дека ќе имплементира Кино Караван за да ги прикаже кратките филмови во различни заедници низ целата земја, како начин за информирање на јавноста и инспирирање на младите луѓе да истражуваат како можат да го користат краткиот филм како стратегија за застапување во јавната политика.
  • Ние сме визуелни – ФОРУМ 16 за време на активностите во рамките на (СТ)АРТ програмата го користи прирачникот „НИЕ СМЕ ВИЗУЕЛНИ – едукација и аудио – визуелизација на човекови права“ подготвен од страна на МакеДокс. Овој прирачник е наставен прирачник за формалните и неформалните едукатори и неговата цел е да го промовира образованието за човековите права со користење документарен филм.