Кој ако не младите

22/07/2016

КОЈ АКО НЕ МЛАДИТЕ е програма на ФОРУМ 16 која се фокусира на зајакнување на младите и младинскиот активизам. Името на оваа програма потекнува од иницијативата „Кој не младите? Кој ако не ти?“ која започна во 2015 година со менторство од страна на ФОРУМ 16 на четири средношколци (Марија Костовска, Марио Ќурчиевски, Владимир Ристевски и Бојана Поповска) во процесот на развој на проекти. Целта на иницијативата беше да се подигне свеста на младите за можностите во нивната локална заедница и придонесот што може да го направат преку организирање настани на различни теми. Иницијативата беше планирана по истражувањето кое тимот го спроведе во неколку средни училишта во Битола, а преку кое истражување се идентификуваа проблеми со кои се соочуваат младите во Битола. Осум работилници беа организирани за време на оваа иницијатива во период од неколку недели на теми како што се претприемништво, лидерство, презентациски вештини, активизам и управување со проекти.

По оваа иницијатива, ФОРУМ 16 го разви својот пристап кон директно вклучување на младите и нивно лидерство во дизајнирањето и спроведувањето на младинските проекти, како и вклучување на младите активисти во управното тело на Здружението. Ова резултираше промена на Статусот на организацијата од организација која работи за млади во младинска организација, признаена и регистрирана и во Европската младинска фондација.

Следната фаза од оваа програма беше креирањето на Академијата: Кој ако не младите? Кој ако не ти?, која беше неделна резиденцијална програма која обезбеди поконцентриран и интензивен пристап кон развојот на младинските лидери. Членовите од младинскиот тим на ФОРУМ 16 беа ангажирани да обезбедат поддршка и да водат активности во рамки на програмата на Академијата. Како и првичната иницијатива, така и Академијата помогна да се идентификува нова група на волонтери, што директно се фокусира на активности за застапување за човековите права. Оваа група беше клучна за дизајнирање и имплементација на проектот на ФОРУМ 16 „Нова генерација на млади лидери за справување со говорот на омраза”. Преку овој проект се обезбеди обука за учениците и вработените во шест битолски средни училишта и дополнително се прошири тимот на млади волонтери на ФОРУМ 16. Овие и други волонтери на младинскиот тим на ФОРУМ 16 сега работат на развивање на КиноБит и други активности во рамите на програмата (СТ)АРТ.